Ohrid - City of UNESCO

Локална самоуправа

Додатни информации

Јавен оглас

Линкови

Почеток :: Останати вести
ПРЕЗЕНТИРАН ОТЧЕТОТ НА ГРАДОНАЧАЛНИКОТ НИКОЛА БАКРАЧЕСКИ

Градоначалникот Никола Бакрачески, денеска во големата сала на Општина Охрид, го презентира Отчетот за сработеното во неговиот мандат.

-Гордо исправени пред Вас, да го презентираме отчетот за нашето четиригодишно работење како потврда на нашиот завет пред вас, тогаш кога ја баравме вашата доверба - а тоа е определбата за одговорно, отчетно и транспарентно работење во служба на Охрид и охриѓани. Тоа е рефлексија на нашиот и ваш труд која видно ја разубави сликата на градот и значајно ги подобри условите за живот на нашите граѓани. Покрај другите начини за презентирање на нашите резултати што континуирано и транспарентно го правевме во текот на целиот мандат , се определивме Отчетот за сработеното во изминативе четири години, да има и печатена верзија. Во ова издание, на 260 страници, низ текст и фотографии се претставени само дел од поголемите проекти, но она што е поважно - овој печатен документ е, и ќе биде сведоштво за идните генерации, да се потсетуваат како со напорна работа, истрајност и чесност, во исклучително тежок период на долгови и политички кризи се постигнуваат вредни резултати- рече на почетокот на презентацијата градоначалникот Никола Бакрачески.

 

(интегрален текст од обраќањето на градоначалникот Никола Бакрачески)



Почитувани сограѓани,
Се собравме денес тука на овој посебен и свечен ден за Нас, достоинствено и гордо исправени пред Вас, да го презентираме отчетот за нашето четиригодишно работење како потврда на нашиот завет пред вас, тогаш кога ја баравме вашата доверба - а тоа е определбата за одговорно, отчетно и транспарентно работење во служба на Охрид и охриѓани. Тоа е рефлексија на нашиот и ваш труд која видно ја разубави сликата на градот и значајно ги подобри условите за живот на нашите граѓани. Покрај другите начини за презентирање на нашите резултати што континуирано и транспарентно го правевме во текот на целиот мандат , се определивме Отчетот за сработеното во изминативе четири години, да има и печатена верзија. Во ова издание, на околу триста страници, низ текст и фотографии се претставени само дел од поголемите проекти, но она што е поважно - овој печатен документ е, и ќе биде сведоштво за идните генерации, да се потсетуваат како со напорна работа, истрајност и чесност, во исклучително тежок период на долгови и политички кризи се постигнуваат вредни резултати. Со доаѓањето на местото градоначалник бев свесен за тежината на обврската што ја преземам. Тогаш реков: ”…нашиот пат ќе биде трновит и со многу свиоци, а искачување стрмно. Ќе има препреки и ниски стартови, можеби и одложени рокови, но јас никогаш повеќе не сум верувал во себе како што верувам денес, дека заедно со Вас како охриѓани ќе стигнеме до целта…” Точно знаевме што сакаме и каде целиме. Ги вложивме сите наши потенцијали, знаење, искуство и вештини. Не ни недостасуваше упорност, истрајност но и отпорност таму каде што требаше да се издржи. Формиравме тим од соработници кои го следеа нашиот пример, максимално ги вложија своите капацитети и заедно чекор по чекор се справувавме со сите предизвици и искушенија за да ги реализиравме стотиците проекти кои се денес пред вас во овој отчет. Никогаш не се откажавме на патот до зацртаната цел. Знам дека меѓу Вас има и такви кои со право ни забележувавте за работата и ефикасноста на администрацијата, но Ве уверувам дека го дадовме најдоброто од Нас, направивме многу организациски промени, воведовме нови алгоритми на работа и листи на процеси со кои видливо ја подобривме ефикасноста во работењето и квалитетот на услугите кон граѓаните. Колку беа добри - говори и фактот што голем број на општини во Македонија се обратија до нас и ги позајмија и копираа нашите протоколи, воведувајќи ги во нивната секојдневна административна работа, како пример за добра општинска пракса. Подобрувањето на организираноста и ефикасноста на нашата администрација беше пресудна за реализација на нашите програми и подигање на задоволствотото на граѓаните, а сигурен сум дека промените ги почуствувавте сите. Во Отчетот ќе најдете податоци за стотиците реализирани проекти и активности, но моето искрено чувство е дека се сите тие подарок за Охрид - затоа што нашиот древен град тоа го заслужува. Горди сме на постигнато. Со домаќинско, одговорно и транспарентно работење, докажавме дека Охрид може да оди напред. Покажавме дека повеќегодишното финасиско тонење на Општина Охрид може да биде сопрено. Со воспоставување на дисциплинирана и одговорна стратегија за раздолжување и внимателно трошење на парите на граѓаните, успеавме Општина Охрид да ја издигнеме над темнината што ја беше зафатила во минатото. Стандардите за финасиско работење, што ги поставивме уште на самиот почеток од мандатот се покажаа повеќе од успешни и искрено се надевам дека ќе бидат референца за сите идни состави. Почитувани, со сигурност можам да кажам, за првпат во историјата на Охрид, долговите на Локалната самоуправа не само што не растат, туку имаат и сигнификантен тренд на опаѓање. И по ова сме различни од сите останати. Преведено во бројки тоа значи дека Општина Охрид во изминатиот четиригодишен период се има раздолжено за 13 МИЛИОНИ евра долгови по сите основи. 13 милиони евра финасиски средства се вратени назад во локалната економија. Зошто го велам ова: затоа што многу претпријатија кои поради недомаќинското работење на претходните локални власти, беа на работ на својата егзистенција, со исплатата на обврските што општината ги имала кон нив, ги спасивме од пропаст или им овозможивме развој, а тоа значи дека успеавме да зачуваме голем број на работни места или да го зголемиме нивниот број. Но она што особено сакам да го истакнам овдека е следното: Овој состав на локалната самоуправа, почнувајќи од 4 Април 2013 до денес, не должи ниту еден денар на ниту еден доверител , односно ги има исплатено сите доспеани обврски по сите основи кои настанале во овој 4.5 годишен период од нашето работење. Заради таквиот одговорен и коректен однос кон доверителите и партнерите, конечно се врати изгубената довербат кон општината, а заради која на почетокот на мандатот беше екстремно тешко да се јават понудувачи на услуги на нашите огласи за јавни набавки. Трасирањето на стабилен пат за финасиска консолидација и вложувањето напори за воведување на одредени законски измени во делот на финансирање на единиците на локална самоуправа, за првпат отвора можност општината да се деблокира , а долгот да биде успешно и целосно разрешен за одреден период. Трендот на намалување на долговите успешно го следат и сите јавни претпријатија. Посветената работа на менаџментите на јавните претпријатија гледана низ бројки ни ја дава следава слика: ЈП „НИСКОГРАДБА“ за изминатиот четиригодишен период со намалување на непродуктивните трошоци и целосно искористување на сопствените капацитети континуирано остварува позитивни финасиски резултати. Од почетокот на нашиот мандат до сега, долгот вкупно е намален за 17 107 847 денари, а само во 2016 година истиот е намален за 6 042 971 денари. МЈП „ПРОАКВА“ РЕ „ВОДОВОД“ Охрид можеби беше во најсложена состојба при преземањето на власта. Претпријатието во 2013 година бележеше загуба од 54 895 000 денари, превработеност и мал процент на наплата. Сето ова, со примената на новите правилници, стопирањето на штетниот договор за концесија и ефикасната наплата која за 2016 година изнесува 93,41 %, намалувањето на непродуктивните трошоци во работењето и со правилна систематизација на работни места, трендот на загуби на претпријатието е намалена за речиси 54 проценти. ЈП „ГРАДСКИ ГРОБИШТА“ со посветената работа од преземањето на власта до сега, за прв пат успеа да заврши со добивка од 3 337 181 денар, а претходно да го врати наследениот долг од 10 милиони денари. ЈП „ОХРИДСКИ КОМУНАЛЕЦ“ претпријатието на почетокот од мандатот го затекнавме со хипотекарен кредит и опасност од активирање на хипотеката и загуба на атрактивни простории во Градскиот пазар. Заедно со менаџментот успеавме кредитот да го репрограмираме, по што се започна со редовно исплаќање. До крајот на 2016 година исплатени се 13 579 081 денари. Драстично се намали задолженоста на претпријатието преку редовно исплаќање на долговите кон добавувачите, долговите по основа на кредит, затезни камати и судски решенија. До крајот на 2016 година исплатени се 17 012 337 денари. ЈП „ГРАДСКИ ПАЗАР“ со доаѓањето на новото раководство во период од 2013 до денес, го анулира наследениот долг и оствари позитивни финасиски резултати и прокнижување на добивка од 792 227 денари. ЈП „БИЛЈАНИНИ ИЗВОРИ“ може да се каже дека претставува пример за домаќинско и успешно менаџирање. Од претпријатие кое претходно имаше големи долгови, пет неисплатени плати на вработените, дојде во рангот на успешни фирми. Одлуката што ја направивме за враќање на јавните паркинзи на ЈП „Билјанини извори“ се покажа како повеќе од добра и придонесе да ова претпријатие ги зголеми своите приходи за повќе од 90 проценти. Со тоа се исплатија четири од петте заостанати плати, а долгот кон ЕВН во висина од 8 милиони и 200 илјади денари, успешно се сервисира. Драги сограѓани, со поставувањето на ваквите стандарди во финансиското работење , ја враќаме довербата на охриѓани за поубава иднина на нашиот град, а одржувањето на континуитет во иднина ќе значи дека Охрид може да стане најатрактивното место за живеење во Република Македонија и пошироко. Цврсто бевме убедени дека треба да се менува стратегијата за развој на туризмот како носечка стопанска гранка. Го сменивме и модернизиравме пристапот за презентација и промоција на Охрид во светот, субвенциониравме авио линии, а ја субвенциониравме и туристичката такса за станоиздавачите. Овие, но и редица нови мерки, придонесоа, од година во година да се зголемува бројот, пред се на странските туристи. Во 2016 година, Охрид беше во рекорден обем застапен на светските пишувани и електронски медиуми. Маркетинг - кампањата која Општина Охрид агресивно ја реализираше во претходните години и активностите кои беа преземени за промоција на Охрид, резултираа со објави, репортажи и натписи во над 200 светски реномирани медиуми, телевизиски куќи, магазини и портали. Преземените активности неизбежно резултираат со перманентен раст во посетеноста од домашните и странските туристи, со реализирани над 830.000 ноќевања во 2016 година. Во последните 4 години порастот на странски посетители во просек се движи до 15% зголемување во однос на претходната година. Особено важен е податокот дека во последните 3 години, не само што е стабилизиран бројот на домашни туристи (по речиси 7 години опаѓање), туку во последните 2 години нивниот број значително се зголемува. Така само во 2016 година од страна на околу 110.000 домашни туристи реализирани се над 530.000 ноќевања. Перманентен раст бележи и охридскиот Аеродром „Св. Апостол Павле“. Во 2016 година реализирани се 1446 воздухопловни операции (36% повеќе од 2015, или 76% повеќе од 2014), со 138.854 превезени патници (33% повеќе од 2015, или 104% повеќе од 2014), што во голема мера се должи на позитивните мерки за развој на туризмот и субвенциите кои се имплементираа од страна на Владата на Република Македонија и локалната самоуправа на Општина Охрид во комбинација со промотивните активности. Спортските работници, спортистите и воопшто охриѓани во изминатите четири години во Општина Охрид препознаваат партнер кој ги поддржува и искрено се залага за спортско заживување на градот. Континуираното инвестирање во спортот и спортската инфраструктура, веќе вродува со плод. Во овој отчетен период во Охрид се изградени 9 игралишта, на повеќе локации на територија на општина Охрид во вредност од 6 914 884 денари. Во склоп на СРЦ „Билјанини извори“ го изградивме најсовремениот терен на вештачка трева во Република Македонија во вредност од 18 450 000 денари . Во соработка со Владата изградивме три тениски терени и две повеќенамеснки игралиште, со што СРЦ „Билјанини извори“ доби лик на современ спортски центар, веројатно најкомплетен во Р Македонија, додека игралиштето кај економското училиште ќе ги врати спомените на охриѓани на трајно изгубениот градски полигон. Како резултат на тоа и сериозниот пристап во поддршката на спортот се создадоа поволни услови за големи спортски натпреварувања во градот. Тоа беше препознаено од светските спортски институции кои донесоа одлуки за организирање на спортски настани во Охрид. Охрид како ретко кој друг град , може да се пофали дека бил домаќин на реномирани спортски збиднувања, а тоа се : Светското кадетско првенство во ракомет за жени, Европското првенство во кошарка за жени, Меѓународен кошаркарски турнир за јуниори, Балкански рели маратон, месец на кошарката каде Македонската кошаркарска репрезентација беше домаќин на репрезентациите на Израел и Украина, се одржа кошаркарскиот куп на Македонија 2014 и „Хуавеј“ супер купот во Кошарка во 2015, фајнл фоур во ракометната лига на Македонија, ракометни кампови на ѕвездите Кире Лазаров и Андреа Лекиќ, а како круна на сето тоа е одржувањето на летниот фудбалски камп на светски познатиот фудбалскиот гигант „Барселона“. Она што некогаш го гледавме само на ТВ екраните, денес, имаме прилика да го следиме во живо. Со субвенционирањето на спортските клубови за користење на спортските терени ги поттикнуваме најмладите да го изберат спортот како животен правец. Спонзорирањето на Ракометниот клуб „Охрид“ ни ги донесе најинтересните доживувања и најголемите успеси во ракометот во Охрид. Драги Сограѓани, Направивме напори за внесување на нови културни содржини за збогатување на понудата во најголемиот туристички и културен центар во Република Македонија. Како новитет кој што го внесовме изминативе две години е фестивалот „Ohrid Calling“ кој со својата програма успеа да привлече повеќе од 30 илјади посетители. Манифестацијата ”Бело лето” внесе нова свежина на охридската културна понуда на почеток на летото. Општина Охрид стана сигурен партнер и еден од главните помагатели на нашата национална гордост ”Охридско Лето”. Но секако, тука не изостанува и поддршката на традиционалните културни манифестации како што се Балканскииот фестивал на народни песни и игри, Фестивалот на францускиот филм, Меѓународниот хорски фестивал, Поетска ноќ во Велестово, „Прличеви беседи“, ”Трпејца на зајдисонце” и многу многу други. Ја презедовме целокупната организација и финансирањето на одбележување на големиот христијански празник „Богојавление“ – Водици и „Денот на рибарите“ ”Бадниковата литија”, организацијата на „ИФТАР“ , културен собир на Египќаните во Охрид итн. Се на се во изминатите четири години се обидовме да воведеме и поддржиме културни манифестации за сечиј вкус. Во период на преземањето на мандатот основните и средните училишта ги затекнавме во незавидна материјално финасиска состојба. Успеавме во изминативе четири години, значително да ги стабилизираме, па така денес средните училишта повеќе немаат долгови, а значително се намалени долговите на основните училишта. И покрај таквата ситуација во образованите институции, се обидовме да изнајдеме начин да направиме значителни реконструктивни зафати во овие установи во висина од 24 157 336 денари. Во соработка со Владата на Република Македонија и надлежните министерства во нашиот мандат ја реконструиравме и доопремивме спортската сала во Косел, отворивме пет детски градинки во посебни просторни услови, обезбедивме услови за трансформација на работниот однос на 46 лица, врз основа на Законот за трансформација во редовен работен однос, го реконструиравме централниот објект на ЈОУДГ „Јасна Ристеска“ како и во трите други објекти кои работат во склоп на ЈОУДГ „Јасна Ристеска“. Смогнавме сили и решивме еден наследен горлив проблем со работно ангажираните лица во образовните институции на кои не им беа исплаќани парични средства. За прв пат се започна со постапки за легализација на образовните институции, а за најголем дел од нив веќе е завршена легализацијата. Го имплементиравме проектот спортска академија која успешно функционира со три паралелки. Продолживме со практиката која што ја воспоставивме за стипендирање на талентирани ученици и студенти, за чија намена издвоивме 3 081 000 денари. Значаен фокус во во нашите програми зазеде и социјалната политика. Воведовме практиката за финансиска поддршка за секое прво и второродено дете во Охрид, за што се исплатени 7 170 000 денари. Дури 885 семејства беа корисници на финасиската помош за комуналните давачки кон јавните претпријатија во висина од 3 982 245 денари. Вложивме 1 милион за проширување и реконструкција на центарот за лица со попреченост „Зраци“ и континуирано изнаоѓавме средства за плати на ангажираните работници. Во соработка со стопанствениците од Охрид, организиравме бесплатни курсеви за занаети и дејностите кои стопанствениците ги посочија како дефицитарни, ги помогнавме оние чии домови настрадаа од пожар, со средства во вкупна вредност од 4 295 289 денари. Дел од овие средства беа ветувани а никогаш неисплатени претходно. Во соработка со општинскиот Црвен крст од почетокот на мандатот до сега реализиравме разни проекти за социјално загрозените семејства во вредност од 870 300 денари. Денес општина Охрид е една од водечките општини во Република Македонија во водењето на социјалната политика. Една од нашите девизи што се провлекува низ целиот мандат е „Парите за социјално загрозените граѓани на Охрид се најоправдано потрошени пари“. Она што е особено уникатно за оваа локална власт е што покажавме дека знаеме и умееме да реализираме големи проекти со искористување на средства и од разни странски фондови: проектот „WATERNET“ со вредност од 210.000 евра од програмата за прекугранична соработка на Европската Унија помеѓу Република Македонија и Република Грција. Од истата програма се реализира и проектот за поддршка на прекугранично претпиемништво, во вкупен износ од 184.958 евра од кои 74.500 евра за Општина Охрид. Со средства од USAID се реконструира дел од училиштето ”Братство Единство”, а се отвори кариерниет ценатр во ЕМУЦ ”Св Наум Охридски”, преку UNDP со проект за општо-корисна работа покривавме дел од надоместоци на вработени во градинките, UNICEF го помогна опремувањето на градинката во посебни услови во ”Рaдојца Новичиќ” ; германската амбасада помогна во реконструкција и надградба на каптажите кај селото Куратица, кабинетот по Биологија во ”Григор Прличев”, детското игралиште пред каналот студенчишта, Бугарската амбасада помогна во опремувањето на градинката во посебни услови во Пештани, Австралиската амбасада две години по ред го помага опремувањето и дел од надоместоците на вработените во центарот ”Зраци”, Британската амбасада финансираше тим-билдинг викенд во Маврово, Израелската амбасада донесе театарска група, Француската го помогна Фестивалот на Францускиот Филм, преку активно членство во мрежата на европски езера заедно со општина Исео од Италија реализиравме проекти во делот на културата и туризмот, со збратимениот град Каен од Франција издејствувавме план за управување и менаџмент на културно наследство и маркетинг план за управување на локалитетот ”Залив на коски” . На различни отворени повици на Европските фондови, донатори, амбасади и институции, во 2016 година, од страна на проектните тимови во Секторот за туризам и локален економски развој, подготвени се повеќе проектни апликации и концепти, а некои од нив се веќе одобрени во следните програми: INTERREG Balkan-Mediterranean 2014-2020 со проектот IRC-HERMES - мапирање на културно наследство во вредност од 169.000 евра; IPA II Cross-Border Cooperation Programme помеѓу Грција и Република Македонија 2014-2020 - набавка и инсталација на реактор за производство на биодизел од комунален отпад во соработка со ЈП Комуналец и универзитетот Св Апостол Павле во висина од околу 640.000 евра ; здравствена нега на стари лица и деца и превентивни мерки во соработка со Заводот за Кардиоваскуларни заболувања-Охрид во висина од околу 250.000 евра; Со тоа, вкупниот износ на веќе добиени или одобрени средства преку грантови од Европски фондови надминува 2.000.000 евра. Освен тоа општина Охрид имаше улога на активен медијатор во одобрување на проект од IPA II програмата преку кој ќе се обезбеди медицинска опрема за Заводот за Кардиоваскуларни заболувања- Охрид и Здравствениот дом -Охрид во висина од околу 470.000 евра. Нашето мото беше од граѓаните за граѓаните и затоа во изминатиов четиригодишен период, реализиравме повеќе стотици инфраструктурни проекти во сите делови од градот и на територијата на целата општина. Нови улици, патишта, плоштади, рекреативни патеки и игралишта, се новиот лик на Охрид. Дозволете ми да го изразам моето задоволство, што имавме подеднаков однос кон сите делови од градот и приградските населби во подобрување на инфраструктурата и задоволување на потребите на граѓаните. Целосно ги реконструиравме патните правци Елешац- Елшани, Охрид-Велестово, патот меѓу Горно и Долно Лакочерај и патниот правец Вапила – Сирула. Особено би ги истакнал големите инфраструктурни зафати со изградбата на петте кружните текови на булеварот „Туристичка“ и целосна реконструкција на дел од тротоарите, целосно реновирање на улиците „Питу Гули“, „Ристо Чадо“ , „Сирма Војвода“ и „Илија Смически“ во селото Лескоец, со што фрекфентноста, протокот и безбедноста на сообраќајот значително се подобрија. Вкупно се изградени 86 патишта во должина од 35 километри со вредност од 180 287 000 денари. Во водоводната и канализационата инфраструктура реконструиравме и поставивме илјадници метри нови инсталации, реализирајќи 64 проекти во вкупна вредност од 128.579.889 денари. Градот доби ново осветлување, при што се заменети 7872 светилки, во стариот дел на градот поставени се 461 автентични фенери, инсталирани се повеќе стотини комплетно нови мрежи и сијалични места, а вкупната инвестиција изнесува 3.506.000 евра. Наскоро се очекува да биде ставена во употреба и новата административна зграда на Локалната самоуправа. Изградивме три мошне атрактивни рекреативни патеки: од мостот кај каналот Студенчишта кон Горица, Кошишта -Лабино -Канео и Лабино - Грашница -Даљан, а во завршна фаза е романтичната патеката покрај каналот Студенчишта во вкупна вредност од 35.809.400 денари. Сетете се како изгледаше просторот кај старата разурната библиотека и во што се претвори после изградбата на плоштадот кај „Долна Порта“. Сетете се како изгледаше просторот кај старата ”Дуборезачка” со истрошените бараки и скарите на кило и во што се претвори по изградбата на плоштадот со фонтаните кај музичкото училиште, а кое денес е едно од најфрекфентните и најомилени катчиња за младите охриѓани особено во вечерните часови. Посебен печат на економскиот развој му даваат капиталните проекти и странските инвестиции. Со упорна работа, после долгогогишна стагнација и затварања на фабриките, заедно со владата на Р.Македонија успеавме да ги убедиме гигантите во автомобилската индустрија „ОДВ Електрик“ и „Костал“ да отворат фабрики во нашиот регион, да ја подигнат локалната економија, да отворат работни места за наши сограѓани, а преку кооперантски односи да ги подигнат и локалните фирми - нивни добавувачи. Горди сме што после напорна 4 годишна работа и посветеност започнавме и сме во тек на реализација на крупните капитални проекти, кои со децении беа најавувани од претходните водства на Локалната самоуправа, а никој не успеа да ги започне ниту административните постапки, а камоли да почне со изградба. Но Ние успеавме. Во полн замав се градбите на современиот затворен зелен пазар, инвестиција вредна 307,5 милиони денари, новата автобуска станица , инвестиција вредна 7 милиони евра, затворениот пливачки базен, инвестиција вредна 298 милиони денари. Со завршувањето на сите административни постапки и проектни задачи за не повеќе од еден месец ќе старува изградбата на домот за стари лица во населбата ”Даљан”.
Драги сограѓани
Направивме многу. Кога ќе се компарира бројот на проекти, нивното значење за градот, нивниот обем и финансиската конструкција, статистички потврдено - ова се со сигурност најдобрите 4 години споредени со било кој друг 4-годишен период почнувајќи од 1991 година па навака. И тоа е факт. Дали можевме повеќе. Веројатно да Дали направивме доволно. Ќе судите вие и генерациите после Нас.

Благодарам!

ОТЧЕТ НА ГРАДОНАЧАЛНИКОТ НИКОЛА БАКРАЧЕСКИ АПРИЛ 2013 - 2017

Извор: www.ohrid.gov.mk

Прочитано:  499  пати
Објавено на: 24.08.17

Настани

Ное 22 Ден на албанската азбука

Ное 29 Меѓународен ден на децата

Дек 3 Светски ден на лицата со хендикеп

Календар на настани

Актуелни информации

КОНКУРСИ ЗА НАГРАДА И ПОВЕЛБA - ПАТРОН НА ГРАДОТ „СВ.КЛИМЕНТ ОХРИДСКИ“

Информации од урбанистичката сфера

Информации за даночни обврзници

Корисни линкови

Фотографија на неделата


Панорама на Охрид 360

 

Copyright Општина Охрид - 2005. Сите права се задржани©