Ohrid - City of UNESCO

Локална самоуправа

Додатни информации

Јавен оглас

Линкови

Почеток :: Останати вести
ЛОКАЛНАТА САМОУПРАВА ВО ИНФРАСТРУКТУРНИ ПРОЕКТИ ИНВЕСТИРА ОКОЛУ 180 МИЛИОНИ ДЕНАРИ
Untitled Document

На денешната тематска прес- конференција, градоначалникот Никола Бакрачески направи рекапитулација на реализираните, тековните и идните инфраструктурни проекти и капиталните инвестиции. Тој посочи дека Охрид, во изминативе три години и седум месеци континуирано се уредува и разубавува и дека не постои точка на територијата на општина Охрид, каде во изминативе години не се инвестирало, реконструирало или градело.

-До сега успеавме да инвестираме 179 милиони 166 илјади и 332 денари во разни инфраструктурни проекти кои опфаќаат реконструкција, санација и одржување на улици со вкупна површина од 130 860 метри квадратни и  дополнително  уште  пет кружни  токови.  Изградивме  нови  линии  за атмосферска и  фекална  канализација  во должина  од  12 570  метри во  вредност  од  89 милиони  681 илјада  и  970  денари,  а поставени  се  водоводни  линии  во  должина  од  8 000  метри  со  вкупен  износ  од   25 милиони 426 илјади и 912 денари. Знаејќи какви се проблеми не очекуваат како наследство,  уште пред почеток на мандатот во 2013 кажав дека ”… нашето искачување ќе биде стрмно, а патот по кој ќе се движиме трновит. Можеби ќе има ниски стартови и одложени рокови … На некои места  можеби нема да стигнеме за една или две години, можеби не за еден мандат ”, но јас верував и тогаш, а верувам и сега дека се она што сме го ветиле ќе биде остварено- рече градоначалникот Бакрачески.

Охрид и охриѓани за многу скоро, како што истакна градоначалникот Никола Бакрачески, ќе се радуваат на отпочнување со градба на капиталните инвестиции кои се од суштинско значење за функционирање на градот. „Деновиве е издадено правосилно одобрение за градба на автобуски терминал со компатибилни класи на намени. Со издавањето на овој документ се исполнуваат сите потребни услови за отпочнување со изградба. Согласно одредбите од договорот и  одобрението за градба рокот за изградба на Автобуската станица е четири години, за кој период Охрид конечно ќе добие современа автобуска станица, достојна за еден туристички центар“ ,рече градоначалникот Бакрачески додавајќи  дека за разлика од претходните состави оваа Локална самоуправа е препознатлива по тоа што за секој проект што е најавен или ветен , без разлика на неговата големина, претходи серија на обврзувачки постапки и активности и почитување на временски рокови за обезбедување на комплетна документација која е во согласност со постоечките законски регулативи и прописи.

-Во тек обезбедување на потребната документација за изградба на три катни гаражи од кои за едната која ќе биде лоцирана позади хотелот „Ривиера“ е започната постапка за експропријација на земјиштето, и се изработува идејниот проект,  а инвеститор ќе биде Акционерското друштво за стопанисување со станбен и деловен простор, другата е предвидено да се гради во рамките на СРЦ „Билјанини извори“ исто така е  во фаза на експроприација на земјиштето и изработка на идеен проект, а е предвидено да се гради со средства на АД ЕЛЕМ. Третата е планирано да се наоѓа кај градскиот пазар и е во фаза на расчиствување на имотно правните односи, а е предвидено да се гради со ЈПП. Покрај катната гаража кај градскиот пазар, охриѓани на местото од сегашниот ќе добијат нов и модерен затворен зелен пазар во рамките на кои е предвидено да има и подземно паркирање.  За многу кратко време очекуваме од страна на Министерството за транспорт и врски да биде издадено одобрението за градба, по што конечно после долга процедура од 2 години се обезбедуваат сите услови за почеток на градба. Во овој момент работиме и на обезбедување на потребната документација за изградба на Конгресен центар и за реконструкцијата на градскиот КЕЈ. Конгресниот центар е предвиден да се наоѓа во хотелски комплекс во наслеба Даљан. Ќе напоменам само дека за оваа урбана заедница претходно е донесен детален урбанистички план. Конгресниот центар е предвидено да се гради со средства на АД ЕЛЕМ и е во фаза на изработка на идеен проект.  Модерното градско пристаниште е од големо значење како за граѓаните на Охрид, така и за домашните и странските посетители, а значително ќе ја зголеми атрактивноста на градот. Истото е во завршна фаза на изработка на основен проект, а ќе се гради со средства на АД МЕПСО, објасни Бакрачески.

Една од главните карактеристики по која е препознатливо работењето на овој состав на локалната самоуправа во делот на инфраструктурата  е изградбата на пешачки и рекреативни зони. Со изградбата  на овие зони, како што беше речено на прес- конференцијата, охриѓани и туристите  ќе можат , да се рекреираат, да спортуваат, да се дружат, да развиваат здрави животни навики и да ги негуваат нашите локални традиционални вредности.

-Во овој момент инвестираме во повеќе пешачко – рекреативни зони на неколку локации во градот. Атрактивната променада која се протега од каналот Студенчишта до хотел Парк, сочинета од два дела, едниот  ролерско – велосипедска патека, а другиот пешачка патека, претставува силно освежување за овој дел од градот каде најчесто пешачат охриѓани. Патеката се реализира во повеќе фази, а вкупната должина ќе изнесува 1 300 метри. Првите 200 метри се реализираат со средства од ИПА програмата за меѓугранична соработка во висина од 114 304 евра,  наредните 400м кои се комплетно завршени во висина од околу 12 мил. денари, и останатите 700м  во висина од околу 15 милиони денари кои се градат во моментов се реализираат со средства од буџетот на општина Охрид. Ова е атракција за која добиваме секојдневни пофалби од домашни и странски гости во иста мера како и од охриѓани. Друга пешачко рекреативна зона е романтичната патека покрај каналот Студенчишта која покрај каналот Студенчишта вклучува репарација, реконструкција и надградба на паралелниот мал канал (кој претходно беше затрупан, запуштен а многу охриѓани и не знаат дека воопшто постоел), а кои два канали на неколку места ќе бидат меѓусебно поврзани. Материјалите кои се употребуваат за изградбата на патеката се од природно потекло (дрво и камен), а ќе биде оплеменета со атрактивни содржини - нова потпора од дрвени колци, дрвена патека за кајчари, камена пешачка зона, ново хортикултурно уредување, велоспидеска патека, мостиња, клупи и мансарди. Средствата издвоени за оваа патека се во висина од околу 20 мил денари. Третата патека се протега од Кошишта по северна страна на калето кон Лабино и Канео, а четвртата од Лабино кон Воска и Даљан, која наредната година би требало да продолжи до извидничкиот центар. И двете патеки ќе бидат меѓусебно поврзани,  минуваат низ живописни предели и нудат релаксација и уживање во прекрасните пејсажи на езерото и охридското кале. Вкупната должина на двете патеки ќе биде ќе биде околу 2 700 метри, од кои во прва фаза е предвидено да се завршат 2 225метри ,потенцираше Бакрачески. 

Водејќи сметка за оплеменување на простори кои во минатото беа запуштени и неугледни места во градот изградени се пет плоштади во различни делови на општината. „Зарем има некој кој може да одолее на шармот на малиот плоштад кај долна порта и плоштадот кај музичкото училиште. Во период што следи планираме да почнеме со  партерно и хортикултурно уредување на уште неколку вакви локации, а прва ќе биде просторот пред Стопанска Банка – Битола во Стариот дел на градот каде ќе се изгради мал автентичен плоштад според модифициран проект изработен од Завод и Музеј Охрид“ – смета градоначалникот Бакрачески.

-До сега реализиравме над 420 проекти од различни сфери. Сите во дослух со граѓаните за кои тие се изјасниле дека им се приоритетни. Континуираното, посветено , чесно и транспарентно инвестирање во инфраструктурата, во капитални инвестиции и во општеството е нашиот начин на работа, кој не се менува од првиот ден на мандатот па до денес. Ве уверувам дека во периодот што следи продолжуваме со уште посилно темпо да го градиме Охрид и да го разубавуваме неговиот лик, бидејќи охриѓани и гостите тоа го заслужуваат. Во тој натпревар за Охрид, нити јас ниту еден од моите соработници, како и до сега,  нема да се штеди и ќе го даде  најдоброто од себе за најдоброто на Охрид- рече на крајот на денешната прес конференција градоначалникот Никола Бакрачески.

Извор: www.ohrid.gov.mk

Прочитано:  1997  пати
Објавено на: 09.11.16

Настани

Дек 21 Ден на настава на турски јазик

Дек 21 Патронен празник на ОУ Кочо Рацин

Дек 31 Дочек на Нова Година ПРЕДНОВОГОДИШНА ПРОГРАМА

Календар на настани

Актуелни информации

Информации од урбанистичката сфера

Информации за даночни обврзници

Корисни линкови

Фотографија на неделата


Панорама на Охрид 360

 

Copyright Општина Охрид - 2005. Сите права се задржани©