Ohrid - City of UNESCO

Локална самоуправа

Додатни информации

Јавен оглас

Линкови

Почеток :: Останати вести
ОХРИД ГО ОДБЕЛЕЖА ПРАЗНИКОТ ПОСВЕТЕН НА СВ.КЛИМЕНТ-ПАТРОН НА ГРАДОТ
Untitled Document

 Со свечена академија што вечерва се одржа во ЦК „Григор прличев“ завршија овогодинешните чествувања посветени на Свети Климент Охридски- Заштитникот на Охрид.

Свеченоста започна со химната за Свети Климент  од Димитар Масески во изведба на хорот при ОСУ Св. Климент Охридски,  по што  пред  бројната публика ,претставници од јавниот политичкиот живот и гости од земјава и странство   се обрати  градоначалникот на Охрид  Никола Бакрачески.

Тука сме да го чествуваме светителот, творецот, учителот, епископот, Патронот кој животот го посветил на творбата, на обичниот човек, на описменувањето, богослужбата и богољубието во симбиоза. Колку неговите погледи биле далекусежни, колку неговата мисија била, e и ќе биде надвременска можеме да слушнеме, прочитаме, почувствуваме насекаде околу нас, ... во погледот на нашите деца, во нивните први обиди да го напишат сопственосто име, името на државата, во можноста своите чувства да ги нанижат во стих, во ракописите на писателите, во текстот кој се пренесува преку секој измислен низ децении наназад медиум, па се до погледот од од него основаната триконхосна црква, преку бисерното сведочно езеро, кон духовниот дом на неговиот содеец и духовен брат Наум. Епископот кој никогаш не бил виден да се одмора, додека низ од него создадениот универзитет се раѓале неговите наследници, на полињата на возрасните ги подучувал на калемење овошки, на сточарство, риболов и на се она што значи живеење во духот на Бога и чување на бисерите на Светиот Дух: љубов, спокој, добрина, толерантност, кротост, милосрдие, воздржаност, вера и радост. Колку само е Охрид благословен по неговото доаѓање, творење, учителствување, градење, воспоставување и чување на културата, па се до неговото упокојување и вечен дом во неговата утроба. Ни даде толку многу што не задолжи со генерации и генерации на вечно следење, поклонение, чување на неговото, нашето Свето писмо, Библија, збор, работа над мрзоволието, живот по заповедта на Севишниот, се до поклонението пред неговите свети мошти и понесување на духот на патронот низ нашиот сопствен животен пат. Неговата мисија кодирана во нашата  животна мисија. Охриде, охриѓани.Нека е за многу години денешниов ден и нека неговата сеприсутност го штити овој град вечно- истакна во своето обраќање градоначалникот Бакрачески.

Беседа за великото дело на Светецот  одржа Проф. д-р Кирил Темков.

Во слободна Република Македонија, со грижа на сите нас, пред сé на граѓаните на Охрид, неговата црква е реконструирана и свети Климент во придружба на целиот народ достојно е вратен во својот вечен дом. Охрид го одбележува Денот на свети Климент како свој најголем празник.

Свети Климент бил величествен и плодотворен творец, фантастичен беседник и одличен писател, чии дела се сочувани до денес. Бил првокласен организатор, силен педагог, лекар, како што се многуте од седумте охридски светители. Ех, каков град, кој имал толку светци во својата историја, кои прелеста и лековитоста на охридската вода и клима ја дополнуваа со своите студии и дејства за здравјето, Свети Климент бил за народот и советник по земјоделство и овоштарство, како и композитор на првите оригинални песни за Охридската архиепископија, всушност естетички и животодеен даскал и водач. Напоредно со неговото богато дело, блеска личноста на свети Климент со лично беспрекорно однесување, со вистинска светителска доблест и крајна човечка доследност, издржливост и исполнителност, со голема енергија и со беспрекорна чистота на замислата и творбата. Имал извонредно чувство за должноста, се грижел за луѓето, кои од него очекувале реч, совет и поука. Трогателна е љубовта на свети Климент за Охрид, над Охрид се трудел да воспостави Божји благослов, та и денес народот знае и чувствува дека светецот го заштитува Охрид како верска и граѓанска заедница. Свети Климент е предната, прва личност на Македонските Словени, и според временскиот след, и според доблестите и угледот, и според широчината на делото, и според високата позиција, и според влијанието врз нашиот развиток. Свети Климент не е само величествен моралист, најумниот и најдобриот човек од сите нас и наш образец. Тој е и првиот и најдобар етичар во нашата култура- истакна Темков.

Во рамки на Академијата, градоначалникот Никола Бакрачески, на годинашниот добитник, Општинската организација на Црвен Крст, и  ја додели наградата Св. Климент Охридски- Патронот на Охрид.

На задоволство на присутните свечената   заврши со настап на најреномираната македонска етно група „ Синтезис“.

Извор: www.ohrid.gov.mk

Прочитано:  731  пати
Објавено на: 08.12.15

Настани

Дек 21 Ден на настава на турски јазик

Дек 21 Патронен празник на ОУ Кочо Рацин

Дек 31 Дочек на Нова Година ПРЕДНОВОГОДИШНА ПРОГРАМА

Календар на настани

Актуелни информации

Информации од урбанистичката сфера

Информации за даночни обврзници

Корисни линкови

Фотографија на неделата


Панорама на Охрид 360

 

Copyright Општина Охрид - 2005. Сите права се задржани©