Ohrid - City of UNESCO

Локална самоуправа

Додатни информации

Јавен оглас

Линкови

Почеток :: Останати вести
71 ГОДИНА СЛОБОДЕН ОХРИД

Со  синоќешниот  седмоноемвриски концерт на учениците од ОМУ „Методи Патчев“  и со полагање свежо цвеќе пред спомен обележјата на борците од НОБ, започнаа чествувањата посветени на утрешниот  празник,  7 Ноември- Денот на ослободувањето на Охрид од фашистичкиот окупатор и неговите сојузници.


 Централниот свечен  настан  којшто го организираа општина Охрид и  ОО на Сојузот на борци на Охрид и Дебрца   се одржа денес во големата сала на општината а пред присутните се обрати заменик градоначалникот на Охрид, Ангел Јанев.


  -Почитувани учесници во Народно-ослободителната антифашистичка војна на Македонија, почитувани членови н1а Советот на општина Охрид, почитувани сограѓани, дами и господа. Нека ни е честит и вековит, утрешниот празник. Денес,гордо и со пиетет  им оддаваме почит на сите  храбри борци  кои учествуваа во ослободувањето на  Охрид, а особено  на оние кои ги дадоа своите животи за слободата. На одбележувањето на еден од најсветлите историски датуми   на нашиот град, потсетуваме дека  веднаш по ослободувањето, Охрид забрзано почна да се гради и економски да се развива. На темелите на тешко спечалената слобода , многу генерации го развиваа Охрид, а  свој особен  придонес дава и нашата генерација. Пред нас и генерациите по нас ќе стои  одговорноста да го почитуваме она што со крв е спечалено, да ја чуваме слободата и независноста и да ја развиваме сопствената држава. Тоа го прават сите граѓани, а посебно важна обврска е за нас кои вршиме општествени и политички функции, па затоа,  Ве уверувам дека актуелната Локалната самоуправа како одговорна власт, макотрпно и посветено  работи  да придонесе и да остави белег во современиот развој на Охрид. Работиме на подобрување на условите за живеење на граѓаните, инвестираме во образованието, културата, економскиот развој и другите области, а посебно на промоцијата на Охрид, како атрактивна туристичка дестинација. Правиме се Охрид и Охридското Езеро,кои како светско природно и културно наследство  се заштитени од УНЕСКО, да го задржат и да го унапредат овој престижен статус, а паралелно да се надоградува стратегијата за одржлив економски развој. Локалната самоуправа, со прецизно утврдени програми, реализира бројни    проекти од областа на инфраструктурата. Изградивме и асфалтиравме  десетици километри  улици во градот и околината , изградивме  четири  плоштади,  18 од вкупно 30  спортски и детски игралишта  и пешачки зони.  Поставивме десетици  километри нова водоводна и атмосферска канализација. Го изградивме патот од Горно до Долно Лакочереј, патот Охрид- Велестово, новиот  водоводен систем во  Елшани, а ги реконструиравме и каптажите во Куратица. Во тек е  изградба на кружен тек на пресекот на улиците „Стив Наумов“ со булевар „Туристичка“ ,  на два кружни текови помеѓу две централни улици „Туристичка“ и „Македонски просветители“,  а во наредниов период треба да започне изградбата на уште  два кружни  текови од кои едниот  на пресекот од улицата „Туристичка“ со  „Абас Емин“ , а другиот на пресекот од „Туристичка“ и „Јане Сандански“.  Како што знаете веќе е изграден еден кружен тек на пресекот од улиците “Туристичка“ и „Бистрица“.Градиме и ќе градиме. За изградба на автобуската станица и домот за стари лица , изведувачите  во моментов  ги   подготвуваат  архитектонско  урбанистичките проекти,  при што до месец  мај односно јули 2016  треба да прибават одобрение за градба, а објектите целосно треба да бидат готови во период од 2 до 4 години. За изградба на Зелениот пазар   приватниот партнер очекува да го добие одобрението за градба од Министерството за транспорт и врски  по што ќе се почне со градежните работи. Од големите проекти треба да се спомене набавката на пет   најсовремени  специјални возила за подигање на отпад  кои ќе ги користи  ЈП „Охридски комуналец“. Градиме и ќе градиме. Денот на ослободувањето на Охрид ќе остане вечен паметник за нас и идните генерации, за да се слават сите оние кои во херојската антифашистичка епопеја, го остварија идеалот на многу  генерации Македонци и охриѓани да живеат во слобода и сопствена држава. Нека ни биде честит и вековит Денот на ослободувањето на Охрид- истакна Јанев.


 Пред присутните се обрати Гоце Георгиевски од  ОО на Сојуз на борци на Охрид и Дебрца.

 


-          Наша света должност е да ја сочуваме тешко спечалената слобода. Долг е на денешните и утрешните генерации  да ја зачуваат тешко спечалената со многу крв, саможртви и самопрекор, слобода. Да имаат критички поглед кон минатото, ама и да се гордеат со него и со достигнувањата со што ќе ги надраснуваат и надградуваат слободата и државноста со нови демократски, економски, културни и општествени вредности  за Македонија да ги достигне европските висини- истакна Георгиевски.

 

 

 

 


Во културниот дел од свеченоста настапија ансамблот „Билјана Јуниор“, охридските поети Мирко Томоски и Маја Мојсова, хорот  од ОУ „Григор Прличев“ и професорката на пијано Емилија Маринова.


   

По повод празникот,  во организација на општина Охрид и  Сојузот на училишни спортови  попладнево се одржа и  седмоноемвриски ученички атлетски крос  чијашто  патека беше од   хотел „Ројал“ до градскиот  плоштад „Св. Климент Охридски“. Во женска конкуренција првите три места ги освоија ученичките : Стефанија Ристеска од ОУ „Христо Узунов“, Марија Јовеска од ОУ „Кочо Рацин“ и Златка Парталоска од ОУ „Христо Узунов“. Во машка конкуренција првите три места припаднаа на Христија Миленкоски од ОУ „Кочо Рацин“, Димитар Левески од ОУ „Св. Климент Охридски“ и Томи Стојаноски од ОУ „Христо Узунов“.

 Вечерва со свечена приредба во СРЦ “Билјанини извори“ најмладите од  ЈОУДГ „Јасна Ристеска“, ќе го одбележат патрониот празник на установата.

Извор: www.ohrid.gov.mk

Прочитано:  944  пати
Објавено на: 06.11.15

Настани

Дек 21 Ден на настава на турски јазик

Дек 21 Патронен празник на ОУ Кочо Рацин

Дек 31 Дочек на Нова Година ПРЕДНОВОГОДИШНА ПРОГРАМА

Календар на настани

Актуелни информации

Информации од урбанистичката сфера

Информации за даночни обврзници

Корисни линкови

Фотографија на неделата


Панорама на Охрид 360

 

Copyright Општина Охрид - 2005. Сите права се задржани©