
Денес во Општина Охрид се одржа Седница на Координативното тело за превенција од природни непогоди со локалните тимови, вклучени во акциите за заштита на Охридско-Струшкиот регион од поплави. На седницата присуствуваа министрите за транспорт и врски и за одбрана, Миле Јанакиевски и Зоран Коњановски, кои од раководителите на општинските јавни претпријатија ,Центарот за управување со Кризи и Дирекцијата за зашитита и спасување, беа информирани за актуелната состојба. На седницата беше решено, уште во текот на денот да бидат преземени соодветни акции на најкритичните места. Така, во текот на денот два тима од Координативното тело ќе ги посетат Пештани, Радожда, Струга, Далјан и Волино, кои беа посочени како најкритични места каде што треба најитно да се интервенира.

Одлучено беше да се заврши заштитата на колекторските пумпи кај Елешец и Пештани, да се исчисти коритото на Коселска река кај Далјан и на други критични места, да се испушти дел од водата на Сатеска во старото корито, како и да се интервенира кај Езерски лозја во Струга, Мал Дрим и помошниот канал покрај магистралата Струга – Ќафасан.
 Извор: www.ohrid.gov.mk |