
Со беседење за охридскиот најистакнат поет од периодот на преродбата, а во рамките на годинешното чествување на 117 годишнината од смртта на Григор С. Прличев, заврши годинешната дводневна културна манифестација „Прличеви беседи“.

Во спомен-куќата на поетот, која е подигната на темелите на родната куќа на Прличев со донаторство на бизнисменот и почесен граѓанин на Охрид, Минчо Јорданов, во организација на локалната самоуправа се одржа свеченоста посветена на ловороносецот од Атина под наслов „Беседа за Прличев“

Пред почитувачите на делото на Прличев, културни дејци и претставници на локалната самоуправа на чело со градоначалникот Александар Петрески, беседеа истакнатите писатели и членови на Друштвото на писателите на Македонија Санде Стојчески и Бранко Цветкоски.

Речта на беседниците би била сиромашна ако се прераскажува. Но она што се беседеше и што можеше да се чуе за ликот и делото на „Вториот Хомер“ не само што ги буди чувствата на возвишеност и гордост за нашето славно духовно минато и богатство, туку, како да не’ заветува да негуваме вакви традиции, чествувања и пофални слова. Колку заради почеста кон заслужните, толку и заради нас самите, заради духот на еден народ.
Извор: www.ohrid.gov.mk |