
Со пригодна свеченост што се одржа на платото пред Горна Порта, денеска претпладне се означи предавањето во употреба на новоизградената пешачка патека која ги поврзува „Кошишта“ и „Варош“.
Во присуство на десетици граѓани од Урбаната заедница „Стар град“, членови на Советот на општината, претставници на општествениот и политички живот, јавните претпријатија и раководството на УЗ, со сечење на врпцата, градоначалникот Александар Петрески на симболичен начин го означи конечното остварување на дамнешната желба на жителите од овие два градски реони кои, според староградските анегдоти, отсекогаш биле блиски географски, но „далеку“ во комшиската соработка.

Патеката која ја поврзува ул.„Кирил и Методиј“ со локалитетот Горна Порта, можеби не е голем зафат во финансиска смисла, но е од големо значење за секојдневниот живот и потребите на граѓаните, особено од овој дел на градот, но и за туристите кои можат со прошетка и пешачење да ја доживеат убавината на овој дел под калето – истакна, мегу другото, градоначалникот Петрески во обраќањето до присутните.
Тој најави дека наскоро ќе биде завршена изградбата на детско игралиште во близина на патеката како и низа слични зафати во дреугите делови на градот и околните населби како што се тротоари, патеки, потпорни ѕидови и сл.

Во името на жителите на „Стар град“, благодарноста за извршениот зафат и исполнетата дамнешна желба на граѓаните, до локалната власт и посебно до градоначалникот Петрески, ја искажа претседателот на оваа УЗ, Ставре Маленко.

Пешачката патека која ги поврзува „Кошишта“ и „Варош“, долга е 150 метри во хоризонтална линија, широка 2,5 метри, а во неа се вградени 500 метри квадратни природен камен. Целосно е осветлена, има три одморалишта и заштитни држачи по целата должина така што и од аспект на градежништвото и естетиката претставува вистинска убавина во просторот.

Извор: www.ohrid.gov.mk |